Репрезентацијата на Словенија е меѓу четирите најдобри на СП во Франција. Втор пат во својата историја Словенците ќе игра полуфинале на ракометните мундијали, овој пат со легендарниот Веселин Вујовиќ на клупата и со млад состав во кој ги нема старите големи ѕвезди. Во борбата за влез меѓу четирите најдобри, Словенија го елиминира се уште актуелниот светски вицешампион Катар. Со голема енергија и елан, но и со максимално рационална игра, Словенците комплетно ја имаа контролата на играта, стигнаа и до девет гола позитива. Малото опуштање во финишот на крај ја стопи разликата, но победата не беше загрозена и Словенија обезбеди полуфинале.
„Горд сум на моите ракометари, успеавме да го сочуваме мирот и свежината во тимот и тоа се виде во играта. Ова се млади момчиња, повеќето од нив играат во словенечките клубови и ова е еден огромен успех за нив и за репрезентацијата на Словенија“ – вели Вујовиќ, по пласманот во полуфиналето на СП.
Но, Вујовиќ не би бил тој што е ако се задоволува со малку. Борбеноста и победничкиот дух на свој начин ги пренесува и на своите играчи. А, еве и како Вујо ги мотивира своите играчи пред она што следно ги очекува во Париз – дуелот со Франција за место во големото финале.
„Ако сме задоволни со малку тогаш сме губитници! Нема тука стигнавме до четвртфинале, полуфинале…па добро, супер и тоа е тоа, толку можеме! Не. Тоа е губитнички менталитет. Играш за да победуваш, а не за да бидеш задоволен и со нешто малку. Во спортот се паметат победниците“ – вели Вујовиќ и открива како се обидува тој глад за победи да им го пренесе и на своите ракометари во репрезентацијата:
„ Ги прашувам вчера играчите: Знаете ли вие кој беше четврти на Олимпијада? Ме гледаат и се мислат, не им текнува во прв момент. А, знаете ли кој беше победник? Е, тоа сите го знаат. Победниците се паметат. Четврти си сега, супер, браво и толку. Ако сте четврти и вас ќе ве заборават. Но, ако сте победници, секој ќе ве памети. Подиумот се памети!“ – со многу енергија и во свој стил го прави тоа Веселин Вујовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА