Доминација и моќ демонстрираше тимот на ПСЖ и славеше голема победа на гостувањето против Кјелце (28-34), во првиот натпревар од четвртфиналниот дуел во Лигата на шампионите. Кјелце доби „подарок“ од Рајн Некар Левен во претходната осминафинална фаза, но веќе во четвртфинале избраниците на Талант Душебаев ги стигна казна и катастрофа пред домашната публика. Полскиот првак доживеа шок во првото полувреме, се обиде да спаси ситуација во вториот дел, ја преполови огромната негатива, но не успеа да се спаси од убедлив пораз.
Францускиот првак кој како и Вардар, ја прескокна осминафиналната фаза и обезбеди дирекетен пласман во четвртфиналето од ЛШ, со овој триумф има огромна предност пред реваншот во Париз и практично, веќе обезбеден пласман на Ф4 турнирот во Келн.
Само десетина минути им беа доволни на „експертите“ од ПСЖ комплетно да го скршат отпорот на полскиот шампион. Во 8.минута, ПСЖ прв пат поведе со 3-4 со погодокот на Микел Хансен. Изедначи Дејан Бомбач со мајсторска „шрауба“, а потоа тргна походот на францускиуот тим. ПСЖ го бомбардираше голот на Шмал од сите позиции, направи серија од 4-0, поведе со 4-8 и комплетно ја презеде контроллата на играта и на резултатот.
Избраниците на Талант Душебаев делуваа дезорганизирано и крајно немоќно пред налетот на францускиот противник. Се обидуваа со индивидуални акции да останат во игра, но со противник како ПСЖ и со Тијери Омејер на голот, тоа тешко поминуваше. Машинеријата на ПСЖ мелеше се пред себе и веќе во 22.минута стигна на двоцифрена предност (7-17), а на пет минути пред крај на првиот дел Хансен погдои за највисоки +11 (8-19). Погодокот на Лук Абало и резултатот на семафорот од 8-20 комплетно ја замолкна публиката во Кјелце. ПСЖ одигра неверојатно прво полувреме во кое имаше осум различни стрелци, максимални пет од пет на Хансен, 22 гола и 12 разлика (10-22) за 30 минути игра.
На стартот од второто полувреме Душебаев се обиде со одбрана 3-2-1 да го успори убиствениот ритам на ПСЖ и во првите 5-6 минути Кјелце успеа да врзе три гола во серија и да ја намали негативата на 13-23. Но, агресивната игра во одбраната им донесе и две исклучувања, прво на Јурецки, а потоа и на Јуркиевич, а ПСЖ брзо и ефикасно ја искористи предноста (14-26). Но, Кјелце се „разбуди“ во второто полувреме во обид да спаси што може да се спаси по шокот во првиот дел. Се разбрани искусниот Славомир Шмал, а многу поефикасната игра во нападот на полскиот тим резултираше со уште една серија од пет гола и да намалување на 19-26.
На стартот од последната четвртина Кјелце веќе дојде на „пристојни“ пет гола разлика (22-27). За разлика од страотното прво полуврме, во вториот дел, спласна темпото на ПСЖ. Но, кога беше најпотребно работите во свои раце ги презеде Никола Карабатиќ, а вообичаено, на вистинско место во клучните моменти беше и искусниот Омејер. Во завршните пет минути се играше гол за гол, Кјелеце успеа да ја преполови негативата, но ПСЖ сепак, имаше доволно залиха за важна победа на гостински терен која ги носи чекор поблиску до Ф4 во Келн.
Алекс Душебаев со седум гола беше најефикасен во составот на Кјелце, кај ПСЖ по пет погодоци постигнаа Микел Хансен и Никола Карабатиќ, а Тиери Омејер запиша 14 одбрани.
Реваншот од овој четвртфинален дуел во ЛШ ќе се одигра на 28 април во Париз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА