Каков е тој олстар без најголемите „ѕвезди“ (Фотогалерија)

Македонските кошаркари излегоа како победници од дуелот против „селекцијата на светот“ со резултат 119-115 во главниот настан од денешниот олстар што воопшто не ги оправда очекувањата.

Главниот настан требаше да биде најдоброто од домашните против најдоброто од странските кошаркари, но тоа воопшто не беше случај, кај Македонците фалеа низа клучни играчи кои со години се најдобри во лигата (како можеше да се игра олстар во ист ден кога МЗТ неколку часа претходно играше лигашки меч е прашање за рубриката „верувале или не“), а недостигаа и квалитетни странци, па на терен се најдоа оние кои не заминаа за САД за божиќните празници.

Македонски тим со најдоброто од лигата без браќата Стојановски, без Магдевски и Ѓуроски (кој не играше поради повреда)… За МВП на овој „дуел на сите ѕвезди, ама без најголемите ѕвезди“ беше избран Ташовски од ТФТ.

Виктор Ефремовски од Работнички заслужено ја доби наградата за најдобар во шут за тројка, додека Рејмонд Самервил излезе како победник во натпреварувањето за забивање.

Настан што во други земји важи за спортски спектакл, овде би го вклучиле во категоријата, ќути, и тоа помина. На тие што го организираа – „каубојски“ со промена на календар на десет дена пред крај на годината, можеби ќе им „светне“ дека е подобро да го направиш како што треба, отколку да експериментираш од секој можен аспект само за да се каже дека нешто си направил.

Догодина здравје, барем нека има и дресови за учесниците за спомен, а не да се лажат и себе и јавноста, дека вакви „финти“ се прават и во најсилната лига на светот.

Се вчитува...