Во текот на летниот преоден рок Килијан Мбапе беше поврзуван со бројни европски гиганти, но полека се открива вистината околу преговорите што биле водени за суперталентираниот француски голгетер, кој на крајот потпиша за Пари сен Жермен. Според неа, најголеми „лузери“ во целата приказна се челниците на Барселона, кои имале можност да го доведат асот на Монако во своите редови, но се решиле наместо него да го ангажираат Усман Дембеле.
Јавна тајна беше дека Реал Мадрид е сериозно заинтересиран за услугите на Мбапе, но преговорите пропаднале на инсистирање на самиот фудбалер. Имено, тој не верувал дека ќе добие доволна минутажа кај Зинедин Зидан, кој и во случајот на Асенсио, па и на Иско во поголемиот дел од ланската сезона ги оставаше помладите играчи на клупата за сметка на поискусните. Поради ова Мбапе побарал од Монако воопшто да не се влегува во конкретни преговори со „кралевите“.
Според последните информации, тој имал една конкретна желба – трансфер во Барселона и можност да заигра крај Лионел Меси. Фудбалскиот агент Жозеп Марија Мингуела за „Кадена Сер“ објави дека таткото на Мбапе преку неколку менаџери се понудил на каталонскиот гигант. Челниците на Барса не биле убедени премногу во неговите квалитети, најпрвин приоритет им било задржувањето на Нејмар, а кога дошле до пари од продажбата на Бразилецот, сметале дека е подобро да се потрошат околу 120 милиони на Дембеле од Борусија отколку околу 150 милиони (за таа сума Монако бил подготвен за продажба) за Мбапе. Целта им било да сочуваат и дел од парите за уште едно врвно засилување, конкретно Кутињо, но откако Бразилецот остана во Ливерпул, а Дембеле веднаш заработи тешка повреда, јасно е дека сега каталонците имаат за што да жалат.
На крајот, Мбапе се пресели во ПСЖ, Монако заработи дополнителни 30 милиони бидејќи го продаде својот ас на директен ривал од Франција, а голгетерот веднаш почна да ја оправдува богатата инвестиција.
Барса реди победи и без Килијан Мбапе, но останува прашањето колку моќно би делувал каталонскиот гигант доколку го имаше и овој голгетер во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА