Каков луд меч во Амстердам… со хепиенд за „лалињата“

Холандија по огромна битка успеа да слави над Украина со 3-2 и триумфално да го стартува настапот во групата Ц од ЕВРО 2020, од која дел е и селекцијата на Македонија. „Лалињата“ беа подобар противник во голем дел од мечот, но сепак дозволи Украинците да се вратат со два гола за четири минути и да ги замрсат сметките на селекторот Де Бур. На крајот, десниот бек Дамфрис беше херојот на холандскиот состав, со прецизен удар со глава поставувајќи ги конечните 3-2.

Интересно, сите пет погодоци беа постигнати во второто полувреме откако во првиот дел мрежите мируваа. За тоа најзаслужен беше украинскиот голман Бушан, кој со неколку одлични интервенции ги запре холандските репрезентативец. Тој можеше и мораше многу подобро да интервенира при првиот гол на „лалињата“, кога ја одби топката кон шеснаесетникот, на неа натрча Вајналдум и ја смести во мрежата. Само неколку минути подоцна Холандија веќе водеше со 2-0, откако Вегхорст го повторно го матираше украинскиот чувар на мрежата.

И кога се чинеше дека приказната е завршена, Јармоленко со еврогол од дваесет метри ја врати Украина во игра, за само четири минути подоцна гостите да израмнат со прецизниот удар со глава на Јаремчук.

Холандија сепак собра сили за трет гол и победа, Дамфрис промаши две убави шанси во првото полувреме, но беше прецизен кога беше најважно, погодувајќи за огромни три бода на стартот од овој европски шампионат.

Се вчитува...