Ракометарите на Пролет и на Металург одиграа извонреден натпревар што на крајот заврши без победник, 26-26. Домашните играчи најавуваа изненадување, потајно се надеваа, а со прикажаната игра и храброст заслужија и повеќе од еден бод, но на крајот мораа да се задоволат со реми.
Металург подобро го отвори натпреварот, поведе со 4-8, но како што одминуваше времето, така домашниот тим се повеќе влегуваше во ритам. На одмор се замина со водство на Металург од 13-15, за потоа Пролет во второто полувреме најпрвин да израмни, а потоа и да ја преземе контролата над резултатот. Избраниците на Матлиески на две минути до крајот имаа водство од 25-23, но потоа судиите во два напади исклучија двајца домашни ракометари, по што Металург израмни на 25-25. И со двајца играчи помалку Мартин Поповски ја презеде одговорноста и погоди за ново водство на Пролет, но во хаотичниот финиш Металург стигна до израмнување со голот на Кбилишвили пред самиот звук на сирената стигна до бод.
Андоновски и Василевски со по седум гола беа најефикасни во таборот на Пролет, додека прв стрелец на Металург беше Мице Шилегов со пет постигнати погодоци.
Охрид како гостин го совлада Пелистер со резултат 19-25, додека Радовиш потешко од очекувањата ја совлада Струга со 29-27.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА