Каков потоп на Хрватска: Шпанска шлаканица за „сребрените“ од СП

Шпанија предводена од новиот селектор Луис Енрике во рамките на Лигата на Нации ја декласираше Хрватска со неверојатни 6-0, во првиот официјален натпревар на „коцкестите“ по Мундијалот во Русија. Златко Далиќ немоќно гледаше додека „фуријата“ ги растураше неговите избраници, кои промашија два зицери при 0-0 преку Сантини и Перишиќ, за потоа да им се случи вистински потоп на стадионот во Елче. Саул Нигез со прецизен удар со глава го отвори резултатот, а потоа на сцена стапи Асенсио, кој со два удари надвор од шеснаесетникот зголеми на 3-0. „Коцкестите“ беа во нокдаун, а да не се разбудат се погрижи Родриго со гол за 4-0 постигнат во 49. минута. „Сребрените“ од СП во Русија беа дотолчени од страна на фудбалерите на Реал Мадрид, најпрвин Серхио Рамос зголеми на 5-0, за конечните 6-0 да ги постави Иско.

Белгија рутински славеше со 0-3 на гостувањето против Исланд во мечот во коој Ромелу Лукаку беше незадржлив за домашните дефанзивци. Резултатот го отвори Азар од пенал што беше направен врз Лукаку, за потоа голгетерот на Манчестер јунајтед со два погодоци да стави печат на лесната победа на Белгијците.

БиХ во тежок и неизвесен дуел забележа победа од 1-0 над Австрија, правејќи голем чекор напред на врвот на својата група. По триумфот во Белфаст над Северна Ирска, избраниците на Просинечки не одиграа на највисоко ниво, но сепак ги освоија трите бода благодарение на голот на Един Џеко постигнат во 78. минута.

 

 

Се вчитува...