Андреј Јакимовски секогаш ќе го памети овој 9 декември, отткако македонскиот репрезентативец вечерва го одигра својот најдобар меч во кариерата, предводејќи го Тренто до голем триумф на гостувањето против Бург со убедливи 73-91. Македонецот беше незапирлив во текот на целиот натпревар, издоминира во однос на домашните кошаркари и заслужено се закити со МВП-признаието на овој дуел од Еврокупот.
Јакимовски играше одлично и на претходните европски средби, но Тренто се мачеше да стигне до посакуваните резултати. Овојпат тоа не беше случај, Тренто предводен од Андреј успеа да се одлепи и пред се благодарение на втората четвртина (12-27) на одмор да замине со двоцифрена предност. Бург успеа да се врати во третиот период, но Јакимовски повторно блесна преземајќи одговорност во клучните моменти, носејќи му ја победата на својот тим.
За македонскиот ас ова беше убедливо најдобар меч во сениорска конкуренција, откако собра неверојатни 43 индексни поени. Или конкретно – 30 постигнати поени, со седум скока, три асистенции, две украдени топки и дури десет изнудени прекршоци.
Со вакви настапи во Еврокупот, јасно е дека Јакимовски има одлична препорака во иднина да заигра во Евролигата. Андреј дефинитивно поседува квалитет, а уште позастрашувачки е што игра се подобро од натпревар во натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

