Каква чест за Бекам во Лос Анџелес… што ли ќе побара Ибрахимовиќ

Дејвид Бекам ќе влезе во историјата на фудбалот во САД како прва ѕвезда на овој спорт што ќе добие сопствен споменик. Челниците на ЛА галакси донесоа одлука да изградат споменик на англискиот великан, во знак на благодарност што тој стана првата европска ѕвезда што му се приклучи на овој клуб и даде значителен придонес за развојот на МЛС-лигата.

Статуата ќе биде откриена за јавност во пресрет на првиот натпревар од новата сезона, во кој ЛА Галакси ќе го пречека Чикаго фајр, а Бекам ќе биде присутен на свеченоста.

Поранешниот ас на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед мина шест години во ЛА галакси, освојувајќи титули во 2011 и во 2012 година, пред да ја заврши својата кариера во дресот на ПСЖ. Дејвид Бекам одигра 124 натпревари и постигна 20 голови за ЛА галакси.

Интересно ќе биде да се види каква ќе биде реакцијата на Златан Ибрахимовиќ за ваквата одлука на клубот. Швеѓанецот важи за голем „нарцис“, а во ситуација кога моментно е најголема ѕвезда во МЛС Ибракадабра сигурно ќе има свој коментар за идејата на неговиот клуб.

Впрочем, тој во преговорите за нов договор со ПСЖ пред неколку години изјави дека е подготвен да остане во Париз до крајот на кариерата – доколку Ајфеловата Кула ја именуваат по него.

Се вчитува...