Каква драма: Ландин ја запре Барселона и му донесе триумф на Алборг

Алборг во 14. меч ја забележа првата победа во клупската историја над Барселона откако данскиот тим во извонреден дуел славеше над каталонскиот гигант со минимални 36-35. Во главна улога беше голманот Никлас Ландин, кој во последната секунда му одбрани пенал на Ричардсон и донесе воодушевување меѓу данските фанови на трибините на арената во Алборг.

Даанците одиграа неверојатно прво полувреме во кое поведоа со 23-18, станувајќи прв тим во историјата што за едно полувреме дал 23 гола против каталонскиот гигант. Барса очекувано се врати, каталонците имаа „минус два“ на триесетина секунди до крајот, но сепак дојдоа до 36-35 и пенал. Ландин блесна кога беше најважно, му го одбрани и вториот пенал во низа на Ричардсон за помалку од три минути, за печат на големата победа на својот тим, во која извонредниот голман учествуваше со 16 успешни интервенции.

Во нападот, Арнолдсен постигна девет, а Бјернсен седум гола, додека најдобри поединци кај Барселона беа Дика Мем со девет, пред Фраде и Нгесан со по осум погодоци.

Колштад ја искористи предноста на домашниот терен и славеше над Нант со минимални 29-28. Норвешкиот тим одигра беспрекорно прво полувреме во кое водеше со 18-11, гостите од Франција се вратија, но немаа сили за целосен камбек. Јепсон со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, а исто толку на спротивната страна постигна Ривера.

Загреб стигна до огромна победа на гостински терен, и тоа против силниот Пик Сегед со резултат 26-27. Голманот Мандиќ се врати на голот на Загреб и имаше осум успешни интервенции, а најефикасни во големата победа на хрватскиот првак беа Срна со осум и Кларица со пет погодоци.

Се вчитува...