Во Евролигата веќе нема непоразени екипи откако неполни 24 часа по првиот пораз на Реал Мадрид денеска беше земен скалпот и на ЦСКА Москва. Сосема неочекувано, рускиот гигант првиот неуспех сезонава го претрпе на гостувањето во Подгорица, каде Будуќност по лавовска битка славеше со 93-92, само втор триумф за шампионот на АБА-лигата сезонава во елитното европско натпреварување.
Поранешниот македонски селектор Александар Џикиќ може да биде горд на изданието на своите избраници, кои се вратија од негатива од 17 поени, во последната четвртина за првпат поведоа и на крајот еуфорично ја прославија победата во преполната „Морача“. Херој беше резервниот центар Данило Николиќ, кој погоди четири тројки, а на пет секунди до крајот по офанзивен скок ги реализираше и поените за победа. ЦСКА имаше последен напад, но обидот на Хигинс не беше прецизен, па рускиот гигант капитулираше во Подгорица.
Ерл Кларк беше најефикасен кај Будуќност со 18 поени, Гордиќ забележа 17 поени и 7 асистенции, додека прв стрелец на ЦСКА Москва беше Нандо де Коло со 19 поени.
Во драматичен натпревар со неизвесен финиш, Жалгирис на домашен терен загуби од Химки со 83-84. Домаќините доминираа во првото полувреме, а потоа наеднаш се се сврте, гостите од Русија направија пресврт и на крај славеа минимална победа, вкупно трета во натпреварите во Евролигата. Вообичаено, Химки во триумфот го предводеше Алексеј Швед со 25 поени, Џордан Мики постигна 19 поени, шест скока и по две асистенции, украдени топки и блокади. Кај Жалгирис дабл-дал постигнување имаше Брендон Дејвис со 21 поен и 12 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА