Рома е сензационален патник во полуфиналето од Лигата на шампионите откако „волчицата“ вечерва со фантастична игра ја совлада Барселона со 3-0, па со гол повеќе на гостински терен (4-1 на првиот меч) се најде меѓу најдобрите четири екипи во Европа. Барса се уште пати од италијански комплекс, каталонскиот гигант шести меч по ред не знае за победа на Апенинскиот полуостров, а по ланскиот шок во Торино од Јувентус, сега Меси и соиграчите повторно со наведнати глави ќе се вратат назад во Шпанија.
Римјаните бодрени од трибините од самиот почеток тргнаа фуриозно, па веќе во 6. минута стигнаа и до водство. По една долга топка кон шеснаесетникот одлично се снајде Един Џеко, кој најпрвин маестрално ја исконтролира пред да ја смести во мрежата на Тер Штеген, за водство и еуфорија меѓу навивачите. Погодокот им даде крилја на домашните фудбалери, кои продолжија да доминираат, не дозволувајќи им на каталонците да ја воспостават својата вообичаена контрола на средината од теренот. На полувреме требаше да се замине со резултат 2-0, но Патрик Шик од идеална позиција биеше со глава за малку непрецизно.
Рома продолжи во ист стил и во второто полувреме, а наградата стигна со гол за 2-0. Џеко пак беше во главна улога, овојпат фаулиран за пенал од страна на Пике, по што Де Роси од белата точка ја донесе домашната екипа на само еден гол од полуфинале. Во 68. минута „волчицата“ повторно опасно се закани, но Тер Штеген го спречи Наинголан да зголеми на 3-0.
Меси имаше добра шанса, но не успеа да реализира, за во 82. минута да дојде до ерупција од воодушевување меѓу домаќините. Флоренцо изведе корнер, највисоко скокна Манолас, совладувајќи го гостинскиот голман за посакуваните 3-0, резултат што ја водеше Рома во полуфиналето.
Барса предоцна се разбуди, создаде неколку полушанси, но не успеа да ги реализира, па каталонскиот гигант повторно е елиминиран од ривал од Италија, поради очајно одигран меч на Апенинскиот полуостров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА