Ретко видено лудило на „Олд Трафорд“ во реванш-пресметката од четвртфиналето во Лигата на Европа меѓу Манчестер јунајтед и Лион.
„Црвените ѓаволи“ беа пред елиминација од второто по квалитет европско клупско натпреварување, откако на само шест минути пред крајот на продолженијата имаа негатива од 2-4, но потоа со три гола во последните шест минути од мечот успеаја да дојдат до триумф од 5-4 по продолженијата за пат во полуфиналето.
По ремито (2-2) на првиот меч во Франција, Јунајтед пред своите навивачи имаше предност од 2-0 се до 71. минута. Со головите на Угарте уште во 10. минута и Далот во 45. минута, Манчестер Јунајтед веќе пред полувремето имаше водство од 2-0.
Но, крајно неочекувано, Англичаните дозволија два гола, во 71. минута на Толисо и во 78. минута на Таљафико со што Лион се избори за 2-2 по регуларните 90 минути, и продолженија. А, во продолженијата два гола на Французите, преку Черки во 105. минута и Лаказет од пенал во 108. минута за 2-4.
И, кога се чинеше дека Лион ќе биде полуфиналист вистинско лудило на „Олд Трафорд“. Најпрво Бруно Фернандеш во 114. минута од пенал намали на 3-4, потоа во 120. минута Мајно израмни на 4-4, а херој на домашните беше Хари Мегваер кој во 121. минута, веќе во судиското продолжение, постигна гол за конечни 5-4.
НОРВЕШКИ БОДО/ ГЛИМТ ГО ЕЛИМИНИРАШЕ ЛАЦИО
Лацио, пак, успеа повеќе од среќно да се извлече до продолженија против норвешки Бодо/ Глимт, со голот на Нослин дури во 93. минута од регуларниот дел за 2-0, со што римјаните ја анулираа предноста на Норвежаните од првата средба во Бодо.
Па, во продолженијата најпрво Лацио со голот на Диа во 100. минута дојде до 3-0, но Бодо/ Глимт со погодокот на Хелмерсон во 109. минута се избори за 3-1 и пенали.
А, потоа во пенал-рулетот Бодо/ Глимт успеа да погоди три удари од белата точка, наспроти само два на „лацијалите“ кои пред 55.000 гледачи на „Олимпико“ мораа да се помират со елиминацијата.
Бодо/ Глимт во полуфиналето од Лигата на Европа ќе игра со лондонски Тотенхем. Во другото полуфинале ќе играат Манчестер јунајтед и Атлетик Билбао.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА