Новата сезона од Премиер-лигата ќе биде отворена со големо дерби, откако ждребот сакаше Арсенал веќе во првото коло да го пречека актуелниот првак Манчестер сити. Унаи Емери ќе има полни раце работа во текот на летово да остави своја трага врз играта на „топчиите“, а премиерлигашкото деби не може да му е потешко – дуел со актуелниот шампион предводен од Пеп Гвардиола.
Новата сезона ќе стартува на 11 август, а во првто коло Челси ќе му гостува на Хадерсфилд, Ливерпул ќе биде домаќин на Вест хем, додека Манчестер јунајтед ќе го пречека тимот на Лестер. Во останатите натпревари ќе се сретнат Бурнемаут – Кардиф, Фулам – Кристал палас, Њукасл – Тотенхем, Саутемптон – Барнли, Ватфорд – Брајтон и Вулверхемптон – Евертон.
Првото дерби на Манчестер ќе се игра на 10 ноември, а домаќин ќе биде Сити, додека Арсенал и Тотенхем ќе се сретнат на 1 декември, за кога е закажано и градското дерби меѓу Ливерпул и Евертон.
Јирген Клоп и „црвените“ ги очекува пеколен новогодишен период, бидејќи на 29 декември ќе го пречекаат Арсенал, а само два дена подоцна ќе му гостуваат на шампионот Манчестер сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА