Македонскиот тенисер Калин Ивановски го загуби мечот на стартот од Челинџер 75 турнирот во Нотингем што се игра за награден фонд од 91.250 евра. Поуспешен од него во изедначен меч беше петтиот носител Дино Прижмиќ од Хрватска со 2-0 во сетови (63 76(3)) за два часа игра.
Првиот сет го доби Прижмиќ со 6:3 во гемови и откако на стартот од мечот направи брејк во вториот гем и потоа имаше предност од 3:0. Ивановски во првиот сет во петтиот гем не искористи брејк топка за да намали на 3:2, а ривалот ја зачува предноста – 4:1. Во вториот сет ниту еден од двајцата тенисери не успеа да направи брејк. Ивановски во седмиот гем успеа да спаси брејк топка, а потоа во следниот гем не успеа да реализира три брејк топки и резултатот беше 4:4 во гемови. При водство на македонскиот тенисер од 6:5 во гемови во 12.тиот гем Ивановски имаше брејк и сет топка, но една спорна судиска одлука го спречи нашиот тенисер да изедначи на 1:1.
Во 13. гем хрватскиот тенисер ја искористи смиреноста и поведе со 6:1 на поени, Ивановски намали на 6:3. Сепак на крај сетот му припадна на Прижмиќ со 7:6 и 7:3 на поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА