Калин Ивановски се квалификуваше на главниот турнир во Опатија

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски успеаја да се пласира на главниот турнир на ИТФ фјучерсот М15 во Опатија кој се игра за награден фонд од 15.000 долари. Тој по трите победи во квалификациите сега ќе игра на главниот турнир.

Најголем проблем за Ивановски, како и за организаторот и за другите тенисери беше дождот, поради кој предвидената програма имаше многу измени, па така македонскиот тенисер денеска имаше два меча. За пласман на главниот турнир во финалето од квалификациите го совлада Грегор Рамскоглер (трет носител) од Австрија со 2-0 во сетови (6-3, 6-4), а во првиот денешен меч во втората рунда од квалификациите го надигра Ахилес Белкович од Унгарија со 2-0 во сетови (6-1 6-3). Најтешкиот противник македонскиот тенисер го имаше во првата рунда квалификации кога по голема борба го совлада Макс Батуенко од Украина со 2-1 (7-6(1), 3-6 и 10-8 на поени во решавачкиот сет).

Ивановски го очекува противникот во првото коло, за мечот кој ќе се игра утре. Македонскиот тенисер претходната недела имаше настап и на Челинџер турнирот во Задар.

Горазд Србљак пак настапи во квалификациите на фјучрсот во Аламинос што се игра за награден фонд од 15.000 долари. Србљак денеска во финалето од квалификациите загуби од Никола Парициа од Швајцарија со 2-0 во сетови (6-3, 6-2), додека во првата рунда го совлада Маркос Јаковидес од Кипар со 2-0 во сетови (6-3, 6-2).

Се вчитува...