ЖРК Вардар денеска го имаше првиот заеднички собир, а в петок заминува во Подгорица, каде ќе настапи на првиот турнир од Регионалната ВРХЛ лига. На денешниот собир фалеше голманката Мајса Песоа, кога поради лоши временски услови, остана на аеродромот во Истанбул.
Тренерот на „вардарки“, Давид Дејвис Камара верува дека неговата екипа ќе ги исполни зацртаните цели и сериозно гледаат на предизвикот пред кого стојат.
„Ние на секој меч влегуваме со подеднаква мотивираност. Нема разлика дали е пријателски меч, натпревар од ВРХЛ лигата или пак Лига на шампионите. Се подготвуваме сериозно и целосно посветени на исполнување на зацртаните цели за оваа сезона. Верувам дека и девојките се подготвени за она што ги очекува во следните месеци. Овие неколку дена ќе повториме од она што го игравме во есенскиот дел од сезоната. Има доволно време да бидеме подготвени за ЛШ, и сериозно го сфаќаме секој предизвик што е пред нас“ – истакна тренерот на ЖРК Вардар за официјалниот сајт на клубот.
Ина Суслина е се уште под специјален третман по операцијата што ја имаше лани. Во консултација со лекарскиот тим ќе се реши кога ќе почне со заеднички тренинзи со тимот. Засега со тимот тренира и Драгана Петковска за да го пополни местото меѓу стативите.
Ракометарките в петок напладне заминуваат за Подгорица, и веќе в сабота имаат дуел со Будуќност, а во недела се среќаваат со Крим. Дуелот со Будуќност е закажан за в сабота 18,30 часот во Подгорица, додека пак мечот во недела со Крим Меркатор, се игра во 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА