Каменица Саса како домаќин ќе игра во Турново

Иако вториот дел од првенството на единствената Втора лига на Македонија започнува на 15 февруари, фудбалерите на Каменица Саса дури по одигрувањето на првите четири кола ќе играат пред своите навивачи, првпат на 8 март, во петтото пролетно коло против Македонија  ЃП.

Поради казната од два натпревари неиграње на свој терен што ја заработија од Дисциплинската комисија на ФФМ за предизвиканиот инцидент и прекинот на средбата со Скопjе, мечевите со Кожуф и Детонит Плачковица ќе мора да ги играат на неутрален терен, 100 километри подалеку од Македонска Kаменица. Според изјавата што ја добивме од претседателот на клубот, Каменица Саса во Турново ќе биде домаќин  на Кожуф и Детонит. Каменица Саса беше виновна за прекинот на мечот со Скопје кога во 71. минута, при резултат од 0-1 за гостите, еден  неодговорен гледач физички го нападна голманот на Скопје при негова измена кога го напушташе теренот. Воедно клубот заработи и парична казна од 1.000 евра.

Меѓу овие две гостувања како домаќини, Каменица Саса има и две редовни, со Брегалница и  Борец, па дури потоа ќе игра на свој терен со Македонија ЃП.

„Добро е што имаме 24 бода и што се наоѓаме на шестото место на табелата, далеку од дното така што можеме во продолжението на првенството да играме без нервоза. Верувам дека и на овие четири гостувања ќе „заработиме“  некој бод. Имаме добра екипа, не се засиливме многу, дојдоа само Давид Голубов и Стефан Коловски, кои есенва играа за Охрид, не напуштија Александар Смилков кој замина во Детонит и Филип Николовски во Слога од Виница“ – ни изјави претседателот на клубот, Митревски.

Во подготвителниот период Каменица Саса одигра четири контролни натпревари, со Осогово (1-0), Слога Виница (0-0), Башкими (0-0) и Борец (1-3). Тренерот Сашо Велиновски го загрижува неефикасноста на екипата, која на четири средби постигна само два гола.

„Последните денови работиме на зголемување на ефикасноста, се обидовме да воиграме некои други играчи во нападот, мора да ја корегираме играта во нападот. Сигурен сум дека ќе успееме. Со голови, не само со цврста одбрана, се освојуваат бодови“ – ни изјави Велиновски.

М.М.

Се вчитува...