Каменица Саса нема да се бори за опстанок во Втората фудбалска лига

Фудбалерите на Каменица Саса ја имаат почувствувано таа голема и  неизвесна борба за опстанок во Втората лига. Во изминатата сезона трепереа пред секој меч во финишот на првенството, се радуваа на секоја победа, стравуваа од секој пораз. Тоа особено се виде во последните кола кога играа да се биде или не, бидејќи многумина веќе ги отпишаа од второлигашкото друштво. Сепак играчите од Македонска Каменица најдоа сили, успеаја во последните три средби да забележат три, за нив големи победи, ги совладаа Кожув и Караорман во гости, Вардар од Неготино дома и заедно со своите навивачи и со целиот град го прославија опстанокот во Втората лига, дури не играа ниту бараж.

Но тоа е веќе минато. Каменица Саса во новото првенство игра далеку посигурно, играчите сфатија што значи да се бориш за опстанок и почнаа да собираат бодови за една мирна игра во текот на целото првенство. По 11 одиграни кола, во конкуренција на 16 клуба, со 15 бода се наоѓа на 8. место, со позитивна гол разлика од 17:15.

„Мораме да бидеме задоволни од досегашниот пласман и бодовното салдо, иако можеше да биде и подобро. Мораме да ја подобриме ефикасноста, создаваме многу шанси, но не ги реализираме и поради тоа загубивме неколку бода. Особено неефикасноста се почувствува на мечот  со Охрид, кога не искористивме што се вели неколку стопостотни шанси и на крајот загубивме  со 2:1 и тоа  на свој терен. Играчите беа депримирани по мечот,  се одрази и на следниот натпревар кога загубивме од Башкими. За среќа, двата последователни порази, како да беа потик дека треба да играат подобро и веќе во следните две кола уследија две победи – против Победа дури со 4:1 и во гости со  Новаци 1:0“ , изјави претседателот на клубот Дејан Митревски, кој секое свое слободно  време го минува  во клубот со играчите. 

До крајот на есенското првенство остануваат уште четори кола. Каменица Саса нема лош распоред, со поголема ефикасност , доколку тоа се оствари може да има „жетва“ на бодови. Во гости игра со Вардар и Осогово, дома со Вардарски и Скопје. Она што е  најважно, клубот нема никакви финансиски проблеми, Градот е секогаш подготвен да им помогне  на своите  фудбалери. Особено во Каменица Саса се горди на градоначалникот Димчо Атанасовски, кој речиси и не пропушта ниту еден нивни меч и кој е секогаш тука со фудбалерите да им помогне.

На крајот на овој текст заслужуваат фудбалерите на Каменица Саса да ги спомнеме и нивните имиња бидејќи се миленици на градот, скромни момчиња, вљубеници во фудбалот.

Тоа се:  Симо Стојковски, Бурим Алиев, Кристијан Таневски, Кристијан Чурлинов, Филип  Николовски , Мухамед  Бекир, Махир Ајрули, Дарко Алексовски, Дамјан Ќосевски, Мартин Димовски, Тони Мичковски, кои најчесто први ги започнуваат натпреварите, но секогаш се тука да влезат во играта и да помогнат: Бобан Атанасовски, Бљенд Зеќири, Зоран Фидановски, Адис Зеќири, Ален  Миленковски, Мартин Пауновски, Петар Митревски, Никола Јовановски, Александар Смилков и Марио Аџијев.

Миодраг Мицковиќ

Се вчитува...