Каменица Саса нема повеќе да се бори за опстанок во Втората лига

Во Каменица Саса веќе никој не го спoмнува оној турболентен финиш во изминатото првенство на единствената Втора лига на Македонија кога клубот грчевито се бореше за опстанок, па во последното коло успеа со победата против Вардар од Неготино да се спаси од преселба во Третата лига-Исток. Сите погледи сега се насочени кон стартот на новото првенство со една единствена желба на фудбалерите и нивните навивачи, никогаш повеќе да не се борат за опстанок.

Под раководство на тренерскиот тандем Сашо Велиновски и Сашо Мицевски, фудбалерите на Каменица Саса на 4. јули ги започнаа подготовките за новата сезона. Според зборовите на претседателот на клубот Дејан Митревски веќе се договорени и пет пријателски средби со цел екипата да се уигра со новите играчи. На 12. јули во Македонска Каменица ќе гостува српскиот прволигаш Трајал од Крушевац, кој  ќе биде на подготовки во Пехчево. На 20. јули е натпреварот со Борец, на 24. јули со Слога од Виница, и двата меча ќе се играат на гостински терен.  Последниве две контролни средби се со Осогово на 1. август и Кожуф на 10. август на домашен терен.

За новата сезона Каменица Саса го задржа „костурот“на екипата од минатата сезона. Заминаа само Сашо Дуков и Иван Николовски. Нови играчи се Тони Мичковски од Детонит и Дамјан Ќосевски од Караорман. Во план е ангажман на уште тројца играчи, со кои се преговара. Освен тоа од младинскиот погон во првиот тим се префрлени петмина најталентирани играчи: Матеј Петрушевски, Александар Иваноски, Бобан Атанасовски, Никола Коцевски и Лука Стојановски.

М.М.

Се вчитува...