Факундо Кампацо ќе ја заврши сезонава во дресот на Црвена Звезда, но аргентинскиот репрезентативец наредниот месец ќе го напушти АБА-лигашот и кариерата ќе ја продолжи во дресот на Реал Мадрид. „Кралевите“ веќе извесно време го следат својот поранешен ас, а според последните информации испратена е и официјална понуда што Кампацо веќе ја прифатил.
Реал ќе му го прости на Аргентинецот долгот што го има кон клубот кога ја активираше клаузулата за преселба во НБА (Кампацо тогаш не ја исплати целата сума што требаше според договорот со Реал), воедно нудејќи му дополнителни девет милиони евра бруто за тригодишен договор. Со оглед на даночните закони во Шпанија, половина од парите ќе одат на име данок, но Кампацо сепак ќе има плата од 1,5 милиони евра по сезона, доволна сума за да прифати камбек назад во Мадрид.
Факундо Кампацо најдобрите денови во кариерата ги мина токму во дресот на Реал Мадрид, клуб чиј член беше од 2014 до 2022 година (освен периодот од 2015 до 2017, кога настапуваше на позајмица во Мурсија). Аргентинецот освои две евролигашки титули под водство на Пабло Ласо и според шпанските медиуми со нетрпение очекува повторно да го облече дресот на „кралевите“.
Кампацо игра извонредно по трансферот во Црвена Звезда, белградскиот клуб сака да го задржи, но речиси неверојатно е тој да го одбие Реал Мадрид за и во следната сезона да го носи црвено-белиот дрес на тимот од Белград.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА