Канада во трилер меч ги совлада Американците за бронза на Мундобаскетот

Кошаркарската репрезентација на Канада стигна до првиот медал на Светските првенства, откако во малото финале во трилер натпревар во продолженија славеше над репрезентацијата на Соединетите Американски Држави со 118-127.

Американците на овој натпревар беа без Брендом Инграм, Џерен Џексон и Паоло Банкеро кои поради вирус мораа да го пропуштат натпреварот за бронзата. И повторно како и на сите останати мечеви Американците почнаа катастрофално во одбраната. Канада го полнеше нивниот кош буквално од секоја позиција, а по десет минути игра имаа предност од 25-34.

САД одлично ја стартуваше втората четвртина и со серија од 13-2 за само две минути успеа да стигне до целосен пресврт (38-36). До крајот на првиот дел се играше израмнето, а Канада на пауза замина со минимална предност од 56-58.

Како и во првото полувреме така и на стартот на второто Канада беше далеку подобар противник од Американците, па во последните десет минути влезе со позитива од девет поени (82-91). Видовме реприза на првото полувреме и на стартот на последниот период. Канада изненадувачки не можеше да погоди ништо, а Американците на крилата на Халибуртон со одлична серија успеаја во 35. минута повторно целосно да се вратат во мечот и да израмнат на 94-94. Во следниот период се играше кош за кош, а во последната минута се влезе со нерешен резултат 107-107. Следуваше промашување на Американците, по кое стрелаше Шај Гилџс Александер за водство од 107-109. Повторно САД безрезонски шутираше за тројка, а со двете слободни за Дилон Брукс Канада на 20 секунди поведе со (107-111). Потоа следуваше лудило. Микал Брииџис доби две слободни фрлања. Првото го реализираше, а второто намерно го промаши по што дојде до скок и со тројка на 0.6 секунди успеа да израмни на 111-111, а натпреварот замина во продолженија.

Сепак, среќната завршница во регуларниот дел не беше доволна за Американците. Канада предводена од Шеј Гилџс Александер беше подобра во продолженијата иа на крајот стигна до заслужен трумф од 118-127.

Дилон Брукс со 39 поени беше прво име кај победникот, додека кај поразените Ентони Едвардс постигна 24 поени.

Се вчитува...