Репрезентацијата на Македонија до 21 година престојниов месец во Скопје ќе одигра два контролни натпревари против селекциите на Ерменија и Малта.
Двете пријателски средби, избраниците на селекторот Драги Канатларовски ќе ги одиграат на тренинг центарот „Петар Милошевски”, со почеток од 17 часот. Првиот контролен меч го играме против селекцијата на Ерменија на 15. јуни, а пет дена подоцна е втората контролна пресметка против репрезентацијата на Малта.
„Овие две контролни средби против Ерменија и Малта доаѓаат во еден незгоден момент, кога сезоната завршува и играчите привршуваат со клубските обврски. Нема да има големи промени во состав во однос на претходните собири. Повикани се играчите кои во последната година со својата професионалност, одлучност и голема желба за борба и докажување се наметнаа во оваа генерација на Македонија.Во составот се враќаат Алекс Златков од Шкупи и Луан Абази од Вил, кои поради повреди во своите клубови на минатиот собир не беа во можност да се стават на располагање на репрезентацијата. – Димитар Трајков, фудбалерот на Академија Пандев, роден 2004 година со своите игри во последно време на клупско ниво и постигнатите 6 погодоци заслужи да биде повикан на овие два контролни натпревари против Ерменија и Малта. Се работи за фудбалер кој игра на крилната позиција и покажува одличен квалитет.Очекувам сериозен пристап од моите фудбалери, иако се работи за пријателски натпревари. Ова се последни подготовки, очекувам сите поставени задачи од мене и стручниот тим да бидат исполните, особено во тактичкиот дел од играта.Оваа репрезентација покажа голем квалитет и голема разновидност во самата игра. Очекувам многу од оваа генерација, играчите се свесни и подготвени да го дадат максимумот за остварување на успех на претстојните квалификации.“ – вели селекторот Драјан Канатларовски пред престојниот јунски собир.
Офанзивниот играч за врска, Лука Станковски поради повреда (операција на менискус) нема да биде во можност да се стави на располагање на селекторот на овој собир.
Натпреварите против Ерменија и Малта ќе бидат последни проверки за нашите млади фудбалери пред почетокот на квалификацискиот циклус за пласман на Европско првенство во септември.
СПИСОКОТ НА МЛАДАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА ПРИЈАТЕЛСКИТЕ НАТПРЕВАРИ СО МАЛТА И СО ЕРМЕНИЈА:
Голмани: Марко Алчевски (Академија Пандев), Иван Николоски (Беласица), Васко Василев (Рио Аве, Португалија), Стефан Тасев (Македонија Ѓ.П.);
Одбрана: Марио Ричков (Шкупи), Стефан Деспотовски (Работнички), Андреј Стојчевски (Жилина, Словачка), Имран Фетаи (Гостивар), Решат Рамадани (Динамо Киев, Украина), Виктор Крстевски (Гостивар), Методи Максимов (Шкендија), Михаил Димитриевски (Брегалница);
Среден ред: Мартин Талаков (Подбрезова, Словачка), Иван Николов (Брегалница), Хамза Рамани (Силекс), Алекс Златков (Шкупи), Димитар Тодоровски (Работнички), Димитар Трајков (Академија Пандев), Ване Крстевски (Академија Пандев), Берат Калкан (Касимпаша), Бехар Фета (Воска Спорт), Матеј Ангелов (Работнички);
Напад: Марио Илиевски (Кишварда, Унгарија), Христијан Малески (Струга Трим Лум), Луан Абази (Вил, Швајцарија).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА