Македонската репрезентација до 21 година денеска од 16 часот на стадионот “Билјанини извори” во Охрид против Србија го игра вториот натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2023 во Романија и Грузија.
Предводникот на нашата репрезентација, Драган Канатларовски вели дека е извлечена голема поука од натпреварот со Франција кој го загубивме со 3-0 во Ле Ман, па сега со дополнителен мотив кај секој поединец за вистинско докажување против Србите.
„Максимално сме фокусирани на дуелот со Србија. Момците се подготвени, работевме напорно овие неколку денови во Охрид, со цел подобро да одиграме на овој меч со Србија. Извлековме голема поука од натпреварот со Франција. Нема да ги повториме истите грешки. Фудбалерите се свесни дека одигравме лош натпревар и оттаму желбата за докажување на денешниот меч е голема. Дуелот со Србија ќе биде многу поразличен од нашиот прв со Франција во овие квалификации. Атмосферата е одлична и се надевам дека ќе ја израдуваме фудбалската јавност“ – вели селекторот Канатларовски пред денешниот дуел.
Во квалификациската Х група, покрај дуелот Македонија – Србија, денеска играат уште и репрезентациите на Украина и Ерменија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА