Младата репрезентација на Македонија до 21 година на почетокот на септември го продолжува своето учество во квалификациите за пласман на Европско првенство, кое 2025 година ќе се одржи во Словачка.
На 5 септември не очекува натпревар на гостински терен против Холандија. Четири дена подоцна повторно на гостински терен играме против селекцијата на Гибралтар.
Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Драги Канатларовски по објавениот список даде свој коментар за овој квалификациски циклус и дуелите со репрезентациите на Холандија и Гибралтар.
„Сигурно е дека можевме многу подобро и повеќе да направиме во овие квалификации од досегашниот учинок. На одредени натпревари едноставно среќата и не беше наш сојузник, но нема простор за изговори, пред нас се нови два квалификациски меча на кои треба да се покажеме во добро светло.
Одлично го стартувавме овој квалификациски циклус, остваривме тешка победа над силниот противник, селекцијата на Шведска, на гостински терен. Во второто коло го одигравме најдобриот натпревар во овие квалификации против фаворитот во групата, Холандија, меч во кој пропуштивме многу шанси, а тоа на крајот противникот го искористи и не казни многуте промашувања.
Оваа селекција не располага со широк фонд на играчи, а тоа најмногу се одрази на дуелите со Молдавија и Грузија, каде што одигравме под своите очекувања и забележивме два порази. На одредени моменти не успеавме да покажеме поголема трпеливост, а ни недостигаше концентрација и смиреност во завршницата на нападите.
Во следниот период не очеуваат нови два натпревари против Холандија и Гибралтар. Првиот против фаворитот во групата на гостински терен е најтешкиот меч што не очеува во овие квалификации. Нема предавање, подготвени сме да се бориме и да одиграме уште еден добар и квалитетен дуел како првиот меѓусебен во Скопје во рамките на втрото коло од квалификацискиот циклус. Што се однесува до Гибралтар, на тој меч ситуацијата е сосема различна. Фаворити сме и од нас се очекува победа.
Во наредните натпревари ќе им биде дадена можност и на нови млади фудбалери, кои ќе имаат можност да настапуваат за оваа селекцијата и во следниот квалификациски циклус што не очекува“, изјави Канатларовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА