Канатларовски: Со Холандија да се прикажеме во добро светло, Гибралтар нема да го потцениме

Македонската репрезентација до 21 година ја очекуваат два гостински натпревари против Холандија и против Гибралтар во квалификациите за Европското првенство. Првиот меч се игра во Алмере, а вториот во Гибралтар.

Селекторот Драган Канатларовски-Цапар изјави дека овие два меча се одлична можност за репрезентативците да се прикажат во добро издание, и очекува добар резултат од двата дуели.

„Холандија има силна репрезентација и ќе се обидеме да одиграме еден квалитетен натпревар и секој позитивен резултат е добродојден. Во овие репрезентатитивци има сила и капацитет. Квалитетот на противникот ни дава една убава можност да се покажеме во добро светло, да дадеме се од себе и секој од нас очекува позитивен резултат. Како ќе стигнеме и дали ќе стигнеме, тоа зависи и од нас и од противникот“, изјави Канатларовски.

Тој додаде дека нема да го потценат Гибралтар, затоа што на тие натпревари секогаш може да се случат изненадувања.

„За вториот меч сме поквалитетни, но секогаш однапред добиените натпревари се најтешки и се сопнуваме на рамно. Сигурно дека нема да го дозволиме тоа. Верувам дека ќе го дадеме максимумот и очекувам победа. Овие два меча ќе биде можност да покажеме колку знаеме, затоа што против вакви силни репрезентации можеме да се покажеме. Најдобриот натпревар кој го одигравме во Скопје не ни донесе позитивен резултат. Не заслуживме пораз, но трпеливоста и квалитетот на противникот доминираа во последните мигови, каде ние во одредени моменти и таа физичка неподготвеност ја плативме со пораз“, изјави Канатларовски.

Се вчитува...