Италијанецот Фабио Канаваро повеќе не е тренер на Динамо Загреб! Оваа вест ја пренесоа хрватските медиуми, а наскоро се очекува официјално да ја потврдат и од редовите на хрватскиот шампион.
Иако Велимир Зајец во вторникот изјави дека италијанскиот тренер сигурно ќе остане на клупата барем до мечот со Осијек, управата на клубот денеска, сепак, одлучи дека е доста од италијанскиот стратег.
Канаваро сакаше да остане на клупата на „модрите“ до крајот на сезоната, но по долго размислување управата на Динамо ја донесе единствената логична одлука.
Засега останува под знак прашалник кој ќе го наследи, бидејќи долгорочната одлука ќе биде во рацете на новиот спортски директор, чие назначување исто така се очекува денеска или најдоцна утре. До донесувањето на одлуката за новиот шеф на соблекувалната, се верува дека тимот ќе го предводи помошникот на Канаваро, Сандро Перковиќ. Иако, со оглед на хаотичните пресврти, ни тоа засега не е сигурно.
Канаваро мина 100 дена во Динамо, на 14 натпревари имаше седум победи и пет порази, ќе остане запаметена неговата победа над Милан, но и серијата порази во првенството, завршувајќи со поразот во Пула (0-3).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА