Фабио Канаваро издржа само неколку месеци на кормилото на Динамо Загреб, откако прославениот Италијанец не се снајде на „Максимир“, имаше серија слаби резултати, па на 9 април доби отказ откако „модрите“ загубија од Истра со 3-0.
Канаваро на 14 средби како тренер на Динамо имаше седум победи, две реми и дури пет порази, при неговото заминување неговиот тим имаше осум бода заостанување зад водечкиот Хајдук, но италијанскиот стратег вината не ја гледа кај себе, туку кај управата на клубот.
„Остана горчината што не успеав да ја довршам одличната работа што ја вршев со своите соработници. Имавме силна екипа, знаев дека можеме да се бориме за титулата, но ја имав најлошата управа на Динамо, најлошата управа на некој клуб во последните 20 години. Требашше да си заминам кога се повлече Марко Мариќ, човекот кој ме донесе, веднаш се почувствува дека ќе се чека кикс за да ме избркаат и мене. Жалам што не ми се споија патиштата со Бобан, кој дојде нешто подоцна“, изјави Канаваро.
Управата се чини дека воопшто не згреши што му врачи отказ на Канаваро, бидејќи по неговото заминување тимот заигра многу подобро, па со последниот триумф во Сплит го прескокна Хајдук на табелата и моментно е веднаш зад Ријека во трката за титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

