Роденденската прослава на Лазар Лечиќ беше повод на едно место да ги видиме двајцата кандидати за претседател, Перо Антиќ и Владимир Темелковски, како и актуелниот прв човек на мак-баскетот, Петар Наумоски. Страстите се смирија само неколку часа, колку што траеше целата церемонија, за потоа засилено да продолжат активностите во лобирањето за гласови.
„Јас сум претседателот, нека му ја мислат кандидатите“ – на шега коментираше оптимистички расположениот Наумоски, очигледно убеден дека го има неопходното мнозинство.
Позитивното расположение на актуелниот претседател ги разгорува страстите кај предизвикувачите, чиј оптимизам се намалува како што се приближува толку чеканиот 15 мај. На маса храбри и самоуверени, потајно и на Антиќ и на Темелковски им е јасно дека шансите за уривање на Наумоски им се многу поголеми доколку се обединат. Дали и како тоа ќе се реализира, дополнително ќе се утврдува, но како што се ближи Собранието така на „опозиционерите“ им станува јасно дека за уривање на актуелната кошаркарска власт ќе им биде неопходно да седнат на маса и да ги здружат силите.
Затоа што Наумоски веќе одолеа на два „пуча“, покажувајќи дека е многу сериозен „играч“ и на вакви пресметки, како што беше своевремено и на кошаркарскиот терен.
И да не се заборави, актуелниот претседател по последното собрание крај себе за директор го доведе токму Владимир Темелковски, со кого повеќе од една година имаше беспрекорна соработка. Навистина, односите во последно време им се нарушени, но кога е Наумоски во прашање, тој секогаш знае пред избори да извади „џокер од ракавот“. Зошто да не и коалиција, кога влогот за него е огромен – продолжување со владеењето со мак-баскетот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА