Канељас: Нема притисок, бод или два против Рајн Некар, ќе биде одлично

Вардар го доби дуелот против Рајн Некар Левен во Скопје и денеска (19 ч.) во многу поудобна позиција му гостува на германскиот шампион во „САП Арена“ во Манхајм, во втората меѓусебна пресметка сезонава во Лигата на шампионите. Гостувањата посебно оние во Германија, никогаш не се лесни и во таборот на вардарци се свесни за тоа. Иако, „црвено-црните“ имаат и победничко искуство токму од ланското гостување во Манхајм.

„Знаеме дека одигравме многу добар натпревар во Скопје, но играме против шампионот на Германија. Бундес-лигата е најдобра и знаеме колку ќе биде тешко. Минатата година одигравме добро на гостувањето кај Рајн Некар. Сега, имавме една недела да се подготвиме за реваншот. Тие имаа натпревар пред три дена  во Бундес-лигата и немаа толку време за да се подготват специјално за нас. Разликата ја прават голманите, но ќе видиме како ќе биде сега. Арпад Штербик е во одлична форма, но ќе треба да продолжи во таков стил и на овој меч“ – истакнува бекот на Вардар, Жоан Канељас.

По осум одиграни кола, Вардар е на првата позиција на табелата со 15 бода, со седум победи и едно реми. Рајн Некар Левен по поразот во Скопје има четири бода помалку од Вардар и моментно е на 4.позиција во групата со 11 бода, зад Нант со 13 и Барселона со 12 бода, но со натпревар повеќе. Лидерската позиција и сигурната разлика на „црвено-црните“ им остава простор да играат мирно и без притисок и во овој дуел во Германија.

Нема толку многу притисок. Повеќе притисок имавме кога го игравме мечот пред една недела бидејќи мораше да победиме дома. Освоивме два бода дома против Рајн Некар, па доколку успееме да освоиме бод или два на ова гостување ќе биде одлично бидејќи така ќе се зацврстиме на првото место во групата. Сепак, тешко е да се игра во Германија. Имаме шанса против секоја екипа и мислам дека сме подготвени за овој натпревар за да се надигруваме и да победиме, иако знаеме дека ќе биде многу тешко“ – вели Канељас.

 

Се вчитува...