Канкараш си замина од Металург

Металург ќе биде ослабен за вториот дел од сезоната по заминувањето на Бранко Канкараш. Црногорскиот пивот беше едно од најголемите засилувања во летниот преоден рок, играше сосема солидно за поранешниот македонски првак, но „металурзите“ сепак му излегоа во пресрет на неговото барање за заминување.

“Донесовме заедничка одлука со Канкараш дека е најдобро сезоната да ја доигра во клуб од кој што и играчот, а и ние добивме одлична понуда. Лимитираноста во бројот на странци кои можат да настапуваат во домашно првенство беше причината Бранко да ги проследи натпреварите од трибини, што за играч од негов ранг е неприфатливо. Од друга страна РК Металург има двајца македонски играчи на таа позиција. Со оглед на тоа дека ништо нема да се промени во вториот дел од сезоната, донесовме заедничка одлука сезоната да ја доигра во друг клуб, со можност за враќање во Металург во наредната сезона, но со поинаков играчки кадар за да може согласно правилото за странци да се извлече максимумот од секој играч во поглед на минутажата“, изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Воедно, Блажевска најави дека Металург планира во најскоро време да ја засили бековската линија, не исклучувајќи ја можноста за ангажман и на трет голман.

 

Се вчитува...