Канте ја реши Португалија, Рамос утна два пенали за Шпанија

Португалија го претрпе првиот пораз по основањето на Лигата на Нации, губејќи на домашен терен од Франција со 0-1. Иако без помошта на повредениот Мбапе, француските фудбалери доминираа во првото полувреме во кое Марсијал пропушти три стопроцентни шанси. Отпорот на Португалија конечно беше скршен на почетокот од второто полувреме, Канте натрча на една одбиена топка по ударот на Рабио и ја смести во голот на домаќините.

Роналдо и соиграчите тргнаа во тотална офанзива во последните дваесетина минути, создадоа неколку убави шанси, но не успеаја да го совладаат Љорис.

Германија без мака триумфираше на домашен терен над Украина со 3-1. Гостите први поведоа преку Јаремчук, но Германците уште во текот на првото полувреме направија целосен пресврт, Вернер и Сане беа стрелци по двете асистенции на Горецка. Конечните 3-1 во второто полувреме ги постави Вернер со својот втор погодок.

Швајцарија ремизираше 1-1 на дуелот со Шпанија, меч што ќе остане запаметен по двата пенали што голманот Сомер му ги запре на Серхио Рамос во второто полувреме. Швајцарците благодарение на својот голман беа на чекор до триумф, но бод за „црвената фурија“ во самиот финиш обезбеди Морено.

Шведска ја продлабочи кризата на Хрватска совладувајќи го „коцкестите“ со 2-1. Кулушевски и Даниелсон уште во првото полувреме донесоа недостижна предност за скандинавската селекција, а единствениот погодок за Хрватска всушност беше автогол на Даниелсон во 83. минута.

Се вчитува...