Роберто Манчини се уште нема донесено одлука дали ќе остане селектор на „аѕурите“, а италијанската јавност во меѓувреме продолжува со жестоки критики поради слабиот настап и поразот од Македонија.
Легендарниот тренер Фабио Капело е последниот што се осврна на фијаското на италијанскиот национален тим, тврдејќи дека проблемот не е во селекторот, туку во целокупниот систем на италијанскиот фудбал.
„Секако дека сум разочаран. Она што најмногу ме фрустрира е што Италија го копира фудбалот што го измисли Гвардиола пред 15 години. Тоа е тој шпански стил, со многу додавања, но без суштина, со многу движење, но без конкретни напади. За таква тактика се потребни беспрекорни техничари, нешто што Шпанците го имаат, а ние сме премногу далеку од тоа ниво. Наместо шпанскиот, италијанскиот фудбал треба да го копира германскиот модел. Гледајте што прави Клоп, агресивен пресинг, транзиција од одбрана во брз контранапад, но она што е најважно, исклучително брз фудбал. Во цела Италија само Гасперини прави нешто слично со Аталанта. Не сум изненаден што нашите клубови рано испаѓаат од европските купови, кога целиот систем е погрешен. Манчини е одличен стратег, но јасно беше дека против Македонија недостига свежина, и тоа во сите линии од тимот“, вели Капело.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА