Капело: Роналдо е најдобриот кој воопшто сум го тренирал, ама соблекувалната од него смрдеше на алкохол

Легендарниот италијански стратег Фабио Капело тврди дека никој не му создал повеќе проблеми во кариерата од славниот бразилски напаѓач, Роналдо.

Капело и Роналдо соработуваат шест месеци во Реал Мадрид во сезоната 2006/2007, а Италијанецот немаше мир со Роналдо кој, како што вели Капело, пијан доаѓал на тренинзи и натпревари. Сепак, и покрај тоа што имал проблеми со него, за Капело нема дилема дека Роналдо е најталентираниот фудбалер кој го тренирал во својата кариера.

„Најталентираниот фудбалер кој било кога сум го тренирал е Роналдо. Но, во исто време беше фудбалер кој ми создаваше и најмногу проблеми во соблекувалната. Сакаше да се забавува во ноќите и правеше се што не треба. Не ретко и другите фудбалери доаѓаа кај мене и се жалеа дека соблекувалната смрди на алкохол“ – вели Капело.

Италијанецот тврди дека Реал почнал да ниже победи кога Роналдо заминал во Милан.

„Роналдо се пресели во Милан и ние почнавме да победуваме. Сепак, ако ме прашувате за најталентираниот фудбалер кој сум го сретнал, тоа е тој без никаква дилема“.

Роналдо за Реал играше од 2002 до 2007 година постигнувајќи 104 гола на 177 настапи, со освоена и една титула шампион на Шпанија.

Се вчитува...