Фабио Капело препознава многу сличности меѓу себе и Масимилијано Алегри, но сепак му забележува на далеку помладиот стручњак што не се осмели да замине од Италија и што се врати во Јувентус.
Легендарниот Дон Фабио смета дека Алегри направил грешка со кам-бекот во Јуве, или поточно, што не ја прифатил понудата која обично не се одбива во најголем дел од случаите.
Популарниот Макс самиот откри дека одбил понуда од Реал Мадрид, нешто на што Капело не можеше да одолее во два наврати во својата тренерска кариера. Капело го водеше „кралскиот клуб“ во сезоната 1996-97, а потоа и во сезоната 2006-2007-ма.
„Ќе кажам дека имаме слични идеи со Алегри. Не користиме само еден ист систем, добро ја читаме играта и победуваме со извршени замени. Гледам многу свои работи кај него. Реков дека Алегри ќе стане како чадор во овој период во втората етапа, ги привлече сите критики на себе. Направи неколку грешки во носењето одлуки. Тој имаше понуда од Реал Мадрид и беше вистинско време да оди во Шпанија. Ќе кажам дека Јувентус му е комфорна зона, надвор од дома е многу потешко, фудбалерите во странство имаат различни навики. Алегри изгледа дека е малку мрзлив, не сака да излегува од дома, очигледно сака Ливорно (неговиот дом) да му биде многу блиску“, потенцираше Капело во интервјуто за „Газета“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА