Искусниот италијански тренер Фабио Капело, зборуваше со песимизам за ВАР системот, како и за судењето во последно време.
По повод гала вечера на „Глоуб Сокер“, тој даде интервју за „Марка“ и зборуваше на актуелни теми. Имаше многу замерки кон ВАР системот, и кон судиите кои ги нарече „мафија“.
„Не ме прашувајте за ВАР. Оваа тема ме излудува. Судиите се мафија. Тие не сакаат да ги вклучат поранешните фудбалери во ВАР. Екс играчите се луѓе кои ги знаат движењата во фудбалот. Движењето секој играч го прави за да си помогне. Многу често донесуваат одлуки затоа што не играле фудбал и не ги знаат овие движења. Го допираат играчот во лицето, тој паѓа на земја – и тие свират. Но, зошто?! Ако јас сум висок 1,90 м, а другиот е 1,75 м, кога се движам, раката ми е во висина на неговото лице – зошто судите пенал? Ова ме излудува, ме излудува“, изјави Капело и додаде:
„Ставете еден поранешен играч во ВАР собата, и таму ќе му каже на судијата дали е пенал или не. Заедно со УЕФА анализиравме 20 ситуации каде што беа досудени пенали, и ги разгледувавме со поранешни играчи, и поранешни тренери. Шест од нив само беа пенали, дури 14 не беа“, додаде искусниот италијански стручњак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

