Капинковски: Математиките на Пелистер не се совпаѓаат со оние на Шкендија

По поразот од Струга ТЛ, во последниот натпревар од 9. коло, битолчани денеска (18 часот) на стадионот „Петар Милошевски“ ја пречекуваат Шкендија од Тетово, која во текот на изминатата недела имаше настап во Конференциската лига.

Тренерот на „пелистерци“, Димитар Капинковски со максимален респект гледа на противникот, но верува дека неговите избраници може да демонстрираат одлична партија за позитивен резултат.

„Шкендија е константно стабилна екипа, една од најквалитетните во последните години што игра во нашето првенство. Тие сега играат и во Европа, имаат голем ростер на играчи и верувам дека ќе бидат на високо ниво и во нашиот дуел. Сепак, нашата математика е поинаква од нивната, па немаме намера да им ги препуштиме бодовите” – вели Капинковски.

Овие две екипи одиграле 36 првенствени мечеви и четири пати се сретнале во Купот. Традицијата, особено во последниве години е на страната на Шкендија, додека последен пат играле нерешено во 2021 година. Последната победа на битолчани датира од 16 декември 2020 година, а е извојувана во Тетово. На стадионот под Тумбекафе последната победа на Пелистер датира од 2013 година.

Тимот од Битола веќе неколку кола настапува со десеткуван состав поради повреди на различни играчи, но претстојната пауза во шампионатот нема да помине пасивно.

„По овој меч, ќе играме и со Шкендија од Арачиново во дуел за Купот на Македонија, а на 12 октомври во Битола ќе се прославуваат и двата јубилеи: 80 години од ФК Пелистер и 40 години од навивачката група „Чкембари“. По тој повод, ќе одиграме и пријателски натпревар со Динамо од Букурешт” – дополни тренерот Капинковски.

По репрезентативната пауза која почнува по ова коло, првенството продолжува на 19 октомври со натпреварите од 10 коло.

Се вчитува...