Капинковски: Задоволство од победата, задоволство и од играта на засилувањата

Шефот на стручниот штаб на Пелистер, Димитар Капинковски сосема очекувано е задоволен од играта на својот тим и победата од 3-1 против Ренова, која е повеќе од значајна во битката за опстанок.

„Јас и претходно кажав дека ова првенство е безмалку изедначено и секој може против секого да игра. Ренова е една квалитетна екипа, и сигурно може да искажам благодарност до моите фудбалери кои дадоа максимум на терен и со огромна желба дојдоа до победата. Овие три бода ни носат дополнителен мотив за продолжението низ кое верувам дека ќе се избориме за опстанок во лигата“ – истакна по натпреварот Капинковски, притоа осврнувајќи се и на засилувањата во тимот кои денеска ја донесоа победата на Пелистер.

„Во овој преоден рок доведовме четири квалитетни играчи. Гудијаби и Принц, за жал, касно се приклучија на подготовките пред само неколку дена, но веќе се гледа дека ќе бидат сериозно освежување за тимот. Ете, засилувањата Гудијаби и Размоски постигнаа голови за победа, треба да се спомне и враќањето на Танушев, кој по подолга пауза поради повредата повторно е во тимот“ – истакна Капинковски.

Се вчитува...