Капитенот на Работнички, Душко Трајчевски, најверојатно ќе си замине од клубот од Дебар Маало и ќе ја продолжи кариерата во странство. Тој е еден од фудбалерите на кои им истекува актуелниот договор ова лето и треба да седнат на маса со раководството на клубот за евентуално продолжување на соработката. Но, како што вели Трајчевски, има и одредени понуди од странство, пред се од клубови од Финска и од Кипар.
„Среќни сме што повторно успеавме во нашата цел, да избориме пласман во квалификациите за Лигата на Европа. Беше напорно, тешко и неизвесно до самиот крај, но задоволството е сега поголемо откако успешно ја завршивме нашата мисија“, вели Душко Трајчевски за успехот на Работнички.
Тој има разговори со клубот за продолжување на соработката. Но, сепак, можеби е сега времето за да замине на печалба.
„Договорот ми истекува и водиме разговори со раководството и со стручниот штаб. Секако дека Работнички е прв во моите мисли, тоа е клубот со кој сум и емотивно врзан, но од друга страна има и одредени понуди за заминување во странство. Се уште не сум решил конечно, но можеби е време да заминам во странство, се разбира, доколку се поклопат коцките“, истакнува капитенот на Работнички.
Раководството на „романтичарите“ овие денови ќе има полни раце работа. Им истекуваат договорите на поголем дел од првотимците, како Душко Трајчевски, Остоја Стјепановиќ, Кире Маркоски, Дејан Митрев, Даниел Божиновски, Филип Дурански…А, квалификациите за Лигата на Европа брзо ќе дојдат на дневен ред.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

