Македонските одбојкари одиграа маестрален меч во Тбилиси, триумфирајќи со 0-3 на гостувањето против Грузија на стартот од квалификациите за наредното Еврпоско првенство.
Никола Ѓоргиев одигра капитенски и на овој дуел, а нашиот најдобар одбојкар упати честитки до сите во националниот тим за одличното издание.
„Одигравме одличен натпревар, игравме како тим, како силен колектив, многу искусно и сите сме презадоволни. Секоја чест на момците, знаевме дека сме подобри, но моравме тоа да го потврдиме и на терен. Бевме на висина на нивото, одигравме многу искусно и не им дозволивме во ниту еден момент да нападнат и да ја преземат контролата“, изјави Ѓоргиев за ЕКИПА.
Воедно, македонскиот капитен упати апел до навивачите да дојдат во што поголем број на наредниот меч на домашен терен против Грција, на кој победа ќе значи и учество на европскиот шампионат.
„Првиот чекор е направен, честитки до сите во репрезентацијата. Сепак, не застануваме, со мислите сега сме насочени кон неделниот дуел со Грција на домашен терен. Тоа е дуел на кој ќе ни треба поддршка и ги поканувам навивачите да дојдат за заедно на крајот да се радуваме, бидејќи победа на овој меч ќе значи и 99% сигурен пласман на следното европско првенство“, порачува Никола Ѓоргиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА