Македонските одбојкари ги делат само пет дена до обезбедување ново европско првенство.
По одличната победа над Грузија во Тбилиси во првото квалификациски коло, во недела во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, македонските одбојкари ги очекува клупната пресметка со Грција. Сите калкулации велат дека победа над Грција ќе значи четврти континентален собир за македонските одбојкари.
Капитенот Никола Ѓорѓиев е оптимист дека националниот тим ќе ја искористи шансата.
„Имавме одличен почеток на квалификациите. Никогаш досега во квалификациите, барем откако сум јас во репрезентацијата, не сме имале почеток со така убедлива победа од 3-0. Тоа сигурно ни дава силен мотив за клучниот меч со Грција кој не очекува во недела“ – вели Ѓорѓиев и дополнува:
„Сега не очекува една дерби пресметка против репрезентација која е на наше ниво, и ако одиграме дисциплинирано, посебно во блок-одбрана и со добар сервис можеме да дојдеме до победа. Калкулации нема, ние сите во селекцијата сме подготвени за триумф со кој би го оствариле и сонот на оваа нова генерација одбојкари, заедно и со нас поискусните, да игра на Европско првенство“.
Ѓорѓиев знае дека ќе биде тежок меч, поради што е неопходна поддршката од навивачите.
„Ќе биде тешко, не чека тежок натпревар и затоа ни е неопходна и поддршката од трибините. Ги повикувам навивачите во што поголем број да не поддржат, а ние ветуваме дека ќе дадеме 100% од нас повторно да ја израдуваме македонската нација и во недела ќе славиме европско првенство“ – истакнува Никола Ѓорѓиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА