Со одлука на клупското раководство на Победа од денеска капитенот Александар Крстески ќе ја извршува и функцијата спортски директор на клубот. Оваа функција во клубот остана испразнета по заминувањето на Јовица Обрадовиќ.
Несомнено со своето богато домашно и интернационално искуство Крстески се очекува да даде свој придонес во подобрувањето на менаџирањето со клубот посебно во спортскиот дел, а паралелно со функцијата останува од стоперската позиција да ја предводи екипата на терен и во новата сезона.
„Бев пријатно изненаден од идејата и понудата да бидам назначен за спортски директор на клубот. За мене тоа е своевидна награда и признание за се што сум направил за мојот матичен клуб. Со моето искуство што го имам како фудбалер сакам да придонесам во подоброто функционирање на клубот во спортскиот дел. Но не треба да се заборави дека сум се уште играч. Останува јас и моите соиграчи да го дадеме максимумот за овој клуб да не се повтори минатогодишната сезона кога се боревме за опстанок. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам до сите кои веруваат во мене и ме назначија на оваа функција. Со голема работа се надевам дека ќе ги оправдам како нивната доверба така и нивите очекувања“ – вели Крстески.
Крстески, кој потекнува од школата на Победа, со само 17 години стана нејзин првотимец. Во свјата досегашна кариера 34-годишниот интернационалец има настапувано покрај за Победа и за Работнички, Вардар, Тетекс, Металург, Пелистер, Слога Југомагнат и Дрита, како и за Динамо Тбилиси, Челик Никшиќ и Шкумбини Пеќ на интернационалната сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА