Еурофарм Пелистер во новата сезона ќе влезе со нов капитен, откако Мирко Радовиќ денеска и официјално потврди дека го напушта таборот на акутлениот шампион на Македонија.
Крилниот ракометар пристигна во клубот во 2019 година и даде значаен придонес во растот на Еурофарм Пелистер на патот до шампионската титула. Тој сепак се реши за нов предизвик во кариерата, па денеска преку објава на својот профил на социјалните мрежи се збогуваше од битолчани.
„Драга моја Битола, битолчани, „Чкембари“ и сите пелистерци ширум Македонија. Ви благодарам за незаборавните пет години. Благодарам што сте мое семејство, а ме прифативте и мене како свое. Среќен сум што најдобрите години од животот и кариерата ги минав токму во Битола. За жал, дојде време да се разделиме, но се разделуваме на најубав можен начин. Ја вративме титулата по осумнаесет години, таму каде што ѝ е местото, во Битола. Клубот го оставам во сигурни раце, младите домашни сили ќе ја завршат работата со сигурност добро како мене, можеби и подобро. Се работи за врвни луѓе и спортисти пред кои лежи сегашноста и иднината на македонскиот ракомет.
Големо благодарам до соиграчите кои ме трпеа, знам дека не беше лесно. Благодарен сум и на управата на чело со семејството Стерјеви, кои ме третираа прво како член на семејството, па потоа како играч сите овие години. Ти благодарам Битола, мој втор дом. Ова не е збогум, туку само довидување – само повеќе не во улога на капитен, туку во улога на навивач. Ве сака вашиот капитен“, напиша Радовиќ.
Како што најавуваат црногорските медиуми, најзаинтересирани за услугите на Црногорецот се челниците на Ловќен, кои сакаат да го вратат крилниот ракометар назад во татковината.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

