Кире Лазаров како на грамофонска плоча при секој собир гласно повторува дека е време помладите да добијат поголема шанса, а со самото тоа и да преземат поголем дел од одговорноста. Истото беше случај и на првиот собир на почетокот од оваа седмица, кога Лазаров посочи дека искуството што младите би го добиле на овој двомеч со реално послаби противници, потоа би им било добредојдено кога ќе дојде ред за настап на СП, тешки дуели на кои на оние поискусните ќе им биде неопходна и помош од клупата за да се стигне до позитивен резултат.
Квалификациите за ЕП 2020 почнаа очекувано, триумфално, но факт е дека сите во таборот на ракометната репрезентација, како и навивачите, посакуваа далеку подобро издание на „црвено-жолтите“ против ривал што реално е далеку под нашиот ранг. Малку опуштање, малку повеќе потценување на противникот – придонесе на десет минути до крајот резултатот да биде „плус три“ со напад на гостинот. Среќа што Турците не реализираа, инаку и притисокот ќе пораснеше, па ќе требаше и да се „потиме“ за да ги осигураме бодовите. Бидејќи од овој меч, освен бодови и ништо друго не добивме.
И се убаво говори капитенот, само што колку повеќе зборува, толку појасно станува дека нема кој да го слушне. Ако се навратиме низ годините, македонскиот „бомбардер“ во бројни наврати говореше на оваа тема, но неговите зборови не променија речиси ништо. Од помладите играчи сега во националниот тим ги имаме Талески и Кузмановски, но и тие двајца најпрвин две-три години ги опишувавме како таленти, се прашувавме зошто се игнорирани од страна на тогашниот селектор (Обрван), за нешто подоцна од очекувањата на јавноста да бидат вклучени во националниот тим. Да не се лажеме, и да беа викнати на ЕП во Данска во 2014 сигурно немаше да блеснат, но ќе добиеја искуство што ќе им беше драгоцено. Исто како што вчерашно искуство ќе беше важно на Крстевски, Чурлевски или било кој член од младинската репрезентација, од која логично е клучните играчи да добијат барем шанса да се докажат пред стручниот штаб, а не да се најдат меѓу 28-те на поширокиот список, па да ги нема меѓу 20-те играчи што се појавуваат на подготовки.
Мечот дома со Турција, заедно со оној што догодина ќе го играме со Грција, поради огромната разлика во квалитет беше идеална можност за некои експерименти и шанса за помладите, за сметка на ветерани како Прибак и Филип Лазаров. Наместо тоа, бевме сведоци на македонска анемичност во Битола. Кога веќе играта беше „тапа“, за утеха ќе останеше барем ако видевме некој млад играч што би можел да донесе нешто во иднина. Само што во случајов, такви играчи немавме ни на клупата.
Победата се брои, планираните бодови се запишани, но време е многу сериозно да се согледа реалноста – дека Филип Миркуловска по СП дефинитивно ќе каже збогум, дека Кире Лазаров веќе има 38 години и е се поблизу до пензија, наскоро ќе бидеме и без Прибак, Филип Лазаров… и што ќе имаме тогаш? Ќе дојде ситуацијата: Дајте други деца, само што децата во меѓувреме станале мажи, но без ниту еден посериозен сениорски репрезентативен меч, а во младите категории играле само Б-првенства.
И сите ќе бидат шокирани што се случи, зошто се резултатите такви какви што се, ќе се крстиме во проширувањето на европските и светските шампионати, а оние најреалните ќе се присетат и на зборовите на капитенот – дека младите треба со време да добијат шанса – и за себе и за долгорочната иднина на македонскиот репрезентативен ракомет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА