ЕКИПА во Хаифа, Израел
Владимир Булатовиќ
Капитенот Еран Зехави е без конкуренција највпечатливиот фудбалер на Израел во моментов, една од најголемите за нас закани на вечерашниот квалификациски натпревар за пласман на СП 2018 кој го играме во Хаифа.
Зехави е свесен дека ќе следи мегдан на две селекции пред кои е императивот за добар резултат. Израелската јавност очекува конечна победа од своите репрезентативци, но Зехави повикува на максимално трпение на денешниот дуел затоа што играат против една комплетно нова репрезентација на Македонија, која е желна за победи…
„Можеби сите очекуваат лесна победа од натпреварот со Македонија, но сакам да предупредам дека воопшто нема да биде така. Јас многу добро знам дека не чека тежок натпревар против селекција која ќе биде многу поразлична од онаа против која игравме и победивме во Скопје. Сега Македонците имаат комплетно нов тим со повеќе млади фудбалери. Опасни се во нападот предводени од Пандев, играат офанзивен фудбал и очигледно се желни за успеси затоа што и тие се под притисок од домашните навивачи“ – вели Зехави, кој од друга страна нагласува дека и самите тие ќе мора да бидат многу подобри од изданието кое го демонстрираа против Албанија претходно.
„И нас многу ни треба една победа сега, посебно по серијата лоши резултати. Ќе треба да одиграме многу подобро од мечот против Албанија. Има мир во нашата репрезентација, фокусирани на сме на средбата и искрено се надевам на триумф“.
Натпреварот меѓу Израел и Македонија на „Сами Офер“ стадионот во Хаифа почнува од 20:45 часот. Израел по шест одиграни натпревари е со 9 бода на четвртата позиција, колку што има и Албанија на третата, а Македонија со 3 бода од шест дуели е на петтото место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА