Интер остана во игра во трката за скудетото во Калчо-лигата откако актуелниот првак како гостин го доби големото дерби против Јувентус со минимални 0-1. Ова е прва победа на Интер во Торино по пауза од десет години, со што беше прекината и долгата серија без пораз на Јуве во Серија А.
Дуелот очекувано мина во жестока битка, а како клучна се покажа завршницата од првото полувреме во кое Интер од пенал го постигна единствениот гол, стрелец беше Чалхоноглу. Турскиот ас најпрвин го промаши ударот од белата точка, ВАР-арбитрите наредија пеналот да биде повторно изведен, по што Чалханоглу од втор обид успеа да го совлада Шчесни.
Јуве тргна во целосна офанзива во второто полувреме, шанси промашија Влаховиќ и Дибала, Закарија од одлична ситуација биеше само во дирекот, па Интер успеа да ја одбрани минималната предност и да стигне до цел плен на ова големо дерби на италијанскиот фудбал.
„Нероаѕурите“ по овој триумф имаат три бода помалку од водечките Милан и Наполи со тоа што „наполитанците“ имаат и меч повеќе од двата тима од Милано. Јувентус пак остана на четвртото место на табелата со 59 бода, пет повеќе од петтопласираната Рома.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА