Се чинеше дека победата на Унион Сент Жил над ПСВ на гости ќе биде најголемото изненадување, но во вечерните натпревари во Лигата на шампионите се случи уште поголемо. Екипата на Карабах, која во квалификациите ја мина и тетовска Шкендија, го шокираше тимот на Бенфика, и тоа сред Лисабон победувајќи го со 2-3.
Победата е уште посензационална ако се има во предвид дека Бенфика по само 16 минути игра водеше со неверојатни 2-0. Баренечеа и Павлидис го донесоа тимот од Португалија до предност. Леандро Андраде во 30 минута намали, а на стартот од втроиот дел Дуран погоди за 2-2.
Целосниот пресврт го донесе Кашчук во 86. минута од средбата.
Екипата на Реал Мадрид со победа ја стартуваше Лигата на шампионите. На свој терен ја совлада екипата на Олимпик Марсеј, благодарение на два досудени пенали. Тимоти Веа го донесе францускиот тим во предност, а Мбапе во 29. минута израмни. Истиот играч го реализираше и вториот пенал во 81. минута од средбата за конечен триумф. Вреди да се напомене дека од 70. минута Реал играше со играч помалку по црвениот картон на Карвахал.
Тотенхем имаше старт како од бајките, откако на свој терен го совлада тимот на Виљареал. Минималната победа од 1-0 ја донесе автоголот на Луиз Жуниор со гол уште во 4. минута.
Фантастичен натпревар одиграа Јувентус и Борусија Дортмунд. После „мртвото“ прво полувреме без голови, во вториот дел дури осум голови, на крај без победник 4-4. Борусија Дортмунд дури три пати водеше, но на крајот ја испушти предноста. Адејеми во 52. минута донесе предност, а Јилдиз со прекрасен гол израмни. Само две минути подоцна Нмеча за ново водство на Борусија. Влаховиќ две минути подоцна израмни. Нова предност за Борусија донесе Коуто кој во 74. минута погоди, а потоа Бенсебаини во 86. минута од пенал ги донесе Германците до 2-4.
Сепак, на крајот Влаховиќ намали на 3-4, а Кели во 96. минута донесе бод за Јувентус и го спаси од пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

