Франција е освојувач на бронзениот медал на СП 2019 откако во денешното „мало финале“ во Хернинг доскорешните светски прваци по огромна битка ја совладаа Германија со 26-25. Никола Карабатиќ беше херојот на „галските петли“ со гол буквално во последната секунда, откако Франчајнотоцузите претходно се вратија од „минус четири“ по очајното прво полувреме.
Германските ракометари одлично го почнаа натпреварот, поведоа со 4-2, а единствениот блесок во првиот дел Французите го имаа кога останаа со ракометар повеќе, па за две минути направија серија од 3-0, со два гола од сопствената половина на Мае. Сепак, цврстата одбрана на Германија беше пресудна за ко-домаќинот да го диктира темпото во првиот дел и на одмор да замине со солидна предност од 13-9.
Вториот дел донесе сосема поинаква слика, францускиот напад профункционира и „триколорите“ експресно се вратија во мечот. Во последните десет минути се играше „гол за гол“, а суперинтересни беа последните 30 секунди. Најпрвин Хајневетер одбрани зицер, па Германците на пет секунди до крајот ја загубија топката во контранапад, за на спротивната страна Карабатиќ да погоди со звукот на сирената, за огромна радост на француските ракометари.
Мае со седум гола беше најдобар стрелец во редовите на Франција, а исто толку погодоци на спротивната страна постигна Генсхајмер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА