Никола Карабатиќ се приклучи на долгата листа ракометни личности кои бараат промена на правилата во овој спорт. Легендарниот француски репрезентативец, кој го пропушта Мундијалот поради повреда, смета дека треба да се воведат неколку измени за ракометот да продолжи да се развива.
Никола бара да се забранат нападите „7 на 6“. Во последниве години, се повеќе тимови во фаза на напад го вадат голманот од игра и воведуваат друг играч кој ќе помогне во организирањето на нападот.
„Ракометот е спорт што се игра шест на шест, се останато е неупешен експеримент“, истакна Карабатиќ.
Интересно, Французите имаат големи проблеми со одбраната кога играат против седум играчи и на последното Европско првенство го постигнаа најлошиот резултат досега на сите шампионати, освојувајќи го 14. место.
„Сосема се согласувам со тебе“, ја коментираше објавата на Карабатиќ на „Твитер“, Жером Фернандез, поранешен капитен на француската репрезентација.
Покрај тоа, францускиот ас инсистира и на воведување на ограничено време за напад, со што би се ставило крај на долгите тактизирања во офанзива, во ситуација кога на судиите им е дадено дискреционо право сами да одредат кога да предупредат на пасива.
Неодамна, Светската ракометна федерација објави дека ќе тестира измени на правилата во ракометот. Една од промените е дека бројот на дозволени додавања од моментот кога судиите ќе кренат рака ќе се намали од шест на четири.
Прашање на време е кога ќе почне сериозно да се разгледува предлогот на Карабатиќ за времетраење на нападите, нешто што претходно го бараа уште неколку ракометни легенди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА