Димитар Караџовски е кошаркарот што стави печат на вчерашното финале и го осигура враќањето на куп-трофејот назад во „Градски парк“. Искусниот плејмејкер ја презеде одговорноста кога Блокотехна опасно се приближи, постигна три тројки во три напади по ред и се погрижи да не се влезе во неизвесна завршница.
„На претходните натпревари некако бев во сенка, но верував во себе и во својот тим. Тоа е силата на Работнички, секогаш се наоѓа некој што ќе ги погоди тие клучни шутеви и ќе ја донесе победата. Против Блокотехна бев јас, на следните натпревари некој друг, најважно е тимот да победува“ – истакнува Караџовски.
Македонскиот репрезентативец заврши одлична работа и во одбраната, каде во второто полувреме целосно го неутрализираше Фундербурк, кој реализираше 19 поени во првиот дел.
„Знаевме дека мораме да промениме многу работа во одбраната, примивме 49 поени во едно полувреме што вроди со плод. Заигравме поагресивно, но и сменивме некои детали, ги неутрализиравме нивните клучни играчи и заслужен победивме“ – задоволен е Димитар Караџовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА